ВИЗИЈА?!?!

Имав прилика денес да го видам клипот со визијата за центарот на Скопје 2014та. Најискрено да ви кажам не ми се допаѓа. Ова што понатаму ќе го напишам е мој личен став, ќе се потрудам и да направам една помала анализа како е дојдено до оваа ситуација. Еве го и клипот за оние што досега не го погледнале, што се сомневам дека постојат такви. Мора најпрово да се спомене дека за сегашниот изглед на Скопје постојат доста контроверзи. Уште од времето на земјотресот па наваму, со сите дела и зданија изградени во тогашната Р.Македонија како дел од СФРЈ па и по 1991ва до ден денес, што најверојатно некогаш во иднината  историски ќе биде „Период на транзиција“.  За времето непосредно по земјотресот колку толку сме информирани, знаеме дека е пропуштена историска шанса, ете може да се извадиме и на тоа дека сме биле дел од поголема држава па конците не биле влечени исклучиво само од тогашните локални власти (мада сите знаеме дека не било баш така и дека Македонците најчесто страдале од Македонци, Кензо Танге исто така сигурно се превртува во гробот). Но какво е всушност оправдувањето за периодот по осамостојувањето? Урбаната мафија си го направи своето. Но сепак центарот на Скопје некако беше сочуван колку толку без по драматични промени.

За градење на нови работи немам ништо против. Но имам против градење на работи без визија. Ова што денес е промовирано е некако многу набрзина, делува повеќе површно, и треба да претставува одраз на Македонскиот Национален Идентитет, поим кој што 95% од помодерните западни земји си го подразбираат исклучително како индивидуална интимна работа, поим кој што никогаш и никаде и пред никого не треба да се докажува. Нешто кое што вселенски уставно е загарантирано на сите луѓе, со право на поседување еднакво ако не и поголемо од правото за практикување вера и религија. Ако веќе бевме решени да го менуваме центарот на Скопје, можеби тоа беше една шанса со која ќе прескокневме преку јамката на национализмот од која што патат сите балкански држави. Беше шанса да се направи еден модерен футуристички пристап, кој што ако се направеше од некој искусен и светски познат архитект, ќе беше радикално модерен, футуристички, напреден, уметнички и воедно функционален (ве потсетува на некоја предходна приказна од пред скоро 40 години?), со кој што Скопје како Македонска метропола ќе одвоеше од балканското и ќе зачекореше нанапред во човештвото и хуманизмот, преболувајки ги болестите од минатиот век. Можеше да се направи по некој споменик на видни Македонци таму ваму, па ете и на Александар самиот, сепак било неговото царство и на оваа теритрија, но немаше навистина потреба од толку многу споменици сконцетрирани на едно место. Во промовиранава визија за Скопје може да забележиме некои градби кои се накалемени помеѓу веќе постоечките, некои останати од пред земјотресот, некои направени по земјотресот. Што допринесува за еден чуден и недефиниран микс со кој што не се знае што писателот всушност сакал да каже, па така сепак на прв план доминира идеата дека се направиле еден куп споменици и објекти за докажување на национален идентитет. Во сосема втор план доаѓа постоењето на една група, нација, од луѓе кои што сите лично и индивидуално се чувствуваат како Македонци и говорат еден ист јазик, Македонски.

Како дојде до оваа ситуација? Па политичкава гарнитура што е сега на власт, е изгласана од мнозинството граѓани во Р.Македонија. Што значи дека владејачката политичка гарнитура е одраз и одслика на мнозинството граѓани во државава. Значи станува збор за психолошки профил на група, на една голема група, нација. Група која што да речеме 20 години беше изолирана од патувања во надворешниот свет. Група која што се соочи со многу закани и предизвици од надвор и од внатре. Група на која што и беше наметнато и оспорено право за себе-идентификација. Група која што упорно се труди да се докаже и да си го извика името помеѓу сите други групи на планетава. Дали можеби го правиме тоа на погрешниот начин? Дали воопшто има причина да го правиме? Ако јас се чувствувам како Македонец, нема од што да се плашам, чувствата не може никој да ми ги одземе. А се чувствувам.



7 Responses to “ВИЗИЈА?!?!”

  1. “Па политичкава гарнитура што е сега на власт, е изгласана од мнозинството граѓани во Р.Македонија. Што значи дека владејачката политичка гарнитура е одраз и одслика на мнозинството граѓани во државава.”

    Чисто процедурално. Не е точно. Мнозинство од оние кои излегле на гласање а тоа беше ако не се лажам само 56% од вкупниот број гласачи (не жители). Околу 480000 гласа освоија што не е ни третина од вкупбиот број гласачи мислам а да не зборувам што не е ни четвртина од вкупниот број жители

  2. Каков народ / таква влада / таков проект…. едноставно сум фрапирана од сета оваа ситуација, а уште повеќе од фактот што народот сето ова го гледа со воодушевување… Народ кој нема ни А од Архитектура, ако ги исклучиме сите други комплекси, желби и фрустрации… Штета само што ние малкуте, ќе живееме во таа реалност на кич, невкус и тотално неофашистичко враќање во времето!

  3. Дата,знам дека е твое лично мислење ама ова требаше да биде мислење на комисија формирана специјално за ова и составена само од професионалци.
    Разбирам дека за сите кои долго беа Титови и Тито беше нивни,како горниве двајца коментатори , ова е невиден шок.
    Мене ми се допаѓа, се плашам само дека немаме доволно професионалци од градежништвото и архитектурата,бидејќи сликиве се едно а финишот е нешто сосема друго.
    Овие објекти за да не делуваат кичерајски бараат врна професионалност и во изведбата и во ентериерот.Ќе видиме,само да не застане на пола работава.
    Спомениците не се дел од мојов коментар,само зградите :)

  4. [...] градење на нови работи немам ништо против. Но имам против градење на работи без визија. Ова што [...]

  5. Андреј — Па ОК…ако впрочем некој не излегол на гласање, тоа значи дека се откажува од своето право на избор, значи дека го остава правото на избор на тие што излегуваат на гласање да решат, и значи мнозинството од тие што излегле да гласаат добиле право т.е. решиле за сите, да биде вака…

    Принцес — сите оние што имаат абер од Архитектура се некаде на страна и се добро платени како стручњаци, или се во земјава ама не можат да го дигнат својот глас …. затоа што некои татини и мамини синови на времето им ги земале работните места во матичната земја…

    Шарлот — Па ете самата кажа….дека немаме доволно професионалци… импровизацијата е мајката на сите заебанции… а кај нас под изговор дека нема доволно професионалци…. секогаш се наоѓа некој паметен што изиграва „професионалец“ и понатаму кога работата ќе се засере, сите се оградуваат и се тргаат на страна додека не се најде некој недолжен што ќе биде осуден за делото за да се задоволат медиумите и јавноста. Можеби во бифша СЈРФ не се грижеа толку многу за Македонија (мое лично мислење е дека одредени Македонци се улизуваа на режимот во Белград со игнорантен однос кон локалните потреби). Сепак беше една држава во која што се работеше по стандарди (што најчесто беа ископирани од Германските или Руските) … и како такви Југословенските производи важеа за квалитетни, бидејки самите стандарди беа квалитетни. Кажи ми ти на мене во изминативе 20 години кои се придржувал и работел по стандарди? Тек од пред неколку години стана актуелно примена на ISO и на HCCP , за други стандарди да не зборуваме те молам, сум работел многу работи и тука и надвор, можам да ти кажам дека во одредени Афрички земји се применувале во процес на конструкција и производство подобри стандарди од овдешниве….
    Ќе искочи работава она што колку толку е направено во Титово, нашиве стручњаци не се способни ни да го окречат (Што впрочем и се докажа со епското кречење на МОБ).

    Не сум против градење на нови градби. Ама треба да бидат издржани како дела, да има стил со зошто и затоа….. и да одликува една модерна визија за градов што ќе го издигне и ќе го однесе во иднината….а не во минатото….

  6. Неколку денови не бев во можност да ја пратам дебатава поради технички проблеми, ништо од блогерајов не ми отвораше. Мој став за сето ова – деновиве се изнаслушав разни коментари – од најпозитивни, до најнегативн, до поделени од типот тоа треба – тоа не, илипак “абе не е се ок, ама барем се гради”. навистина е тешко човек да изгради мислење од една идеја и визија, па мојот коментар е “времето ќе покаже”. Препорачувам да ја прочитате колумната на Гоце Трпковски, уредникот на скопската редакција на Нова Македонија, објавена во пекот. МИслам дека е интересно да ја прочитате. Поздрав

  7. Рус — точно дека времето покажува… но што е всушност влогот во целава ситуација? Центарот на Скопје, ние имаме изгубено премногу шанси и време во минатото и каскаме… поентата е дека експериментирање како опција не ни е на располагање. Треба да се оди на сигурна, издржана варијанта, а ова сега што се случува е далеку од тоа. За сигурна издржана варијанта ќе требаше да се ангажира некој светски признат архитект кој ќе изработеше архитектнски дизајн во модерен стил и ќе застанеше позади тоа со потпис и во секој момент ќе беше во можност да си го одбрани делото…

Напишете коментар